Спектакуларен гол на Силекс за луд пресврт во Охрид: Од таму шутирај колку сакаш (ВИДЕО)

Со маестрален удар од далечина, Илија Донов му донесе драматична победа за Силекс на денешното гостување кај Воска Спорт (2-1), средба која ќе се памети токму по неговиот погодок во втората минута од судиското надополнување, кога од преку дваесет метри ја заби топката во аголот од голот, обезбедувајќи им на кратовци три големи бода во битката за титулата.

Голот на Донов не само што беше пресуден за резултатот, туку и по квалитетот привлече внимание, веднаш добивајќи споредби со најдобрите погодоци сезонава. Од Силекс го опишаа со легендарната реплика на спортскиот коментатор Игор Трпевски – „Од таму шутирај колку сакаш“ – додавајќи уште шеговита доза на мајсторијата на нивниот фудбалер (видеото види го ТУКА)

Натпреварот почна тешко за гостите од Кратово. Воска поведе преку пеналот на Адеми, а Силекс долго време се мачеше да дојде до израмнување. Сепак, тимот не се откажа и со два гола во последните седум минути го сврте резултатот во своја корист.

Силекс на седум кола до крајот на првенството е второпласиран со 52 бода, четири помалку од лидерот Шкендија.