„Со нетрпение го чекаме мечот со Купс, ќе одиграме најдобро што можеме!“

Македонскиот фудбалски шампион Вардар утре ќе го одигра првиот натпревар против фински Купс во квалификациите за Лигата на шампиони (ЛШ), а тренерот Кристијан Фабијани го најави натпреварот.

Фабијани кажа дека е задоволен од подготовките во Италија и со нетрпение чекаат да излезат на терен против Купс.

„Дојде моментот кој долго го чекавме по подготовките во Италија и со нетрпение чекаме да излеземе на терен. Задоволен сум од подготовките, иако сум кратко тука и немавме многу долго време. Ќе се соочиме со тим кој е во натпреварувачка форма, игра одлично и знаат да играат со топка. Ние ќе се обидеме да ги притиснеме на нивната половина и да одиграме најдобро што можеме. Екипата е спремна, на терен ќе излезе тој што е најмногу подготвен и тоа ќе биде познато утре. Веќе три месеци сум во Вардар, очекувањата се големи, но мислам дека сè уште не сме на 100 посто од нашите можности“, кажа Фабијани.

Натпреварот меѓу Вардар и Купс се игра утре од 19 часот.