Скопска битка за Европа, Вардар против бившиот шеф Васоски по бодови за спас

Актуелниот лидер Шкендија денеска може(би) ќе слави титула, но најтрофејниот македонски клуб Вардар ќе мора до нови бодови и тоа против својот поранешен шеф Александар Васоски, сега кормилар на Академија Пандев, за да остане во живот за спас сезонава во прволигашката конкуренција, во која денешното 28 коло нуди и една дерби пресметка и тоа скопска за – Европа.

На Шкендија ѝ треба победа против фенерџијата Беласица за да ја продолжи победничката серија, но истовремено и најголемиот ривал Шкупи, кој од завчера е со нов тренер во екс-вардаровиот стратег Гоце Седлоски да загуби во Велес од Борец за уште денеска официјално тетовци да се крунисаат за македонски фудбалски владетели и да ја освојат четвртата шампионска круна во својата историја.

Шкендија е апсолутен фаворит во Струмица, а без оглед што Беласица пред четири дена го изненади Шкупи, е најмалку три класи послаб од тетовци, па сѐ освен триумф за лидерот би било вистинска сензација. Од друга страна, Шкупи е во очигледна криза, која Борец посакува да ја искористи и да направи чекор поблизу до опстанокот, зашто моментно е на само два бода од зоната за бараж и сериозно се загрозени после триумфот на Ренова вчера во дербито за опстанок со Силекс со 2-1.

Токму таа победа на „гипсарите“ остварена со два гола во првиот дел сега му зададоа задача на Вардар да се обиде да освои бодови за или да се израмни со Силекс или да ги прекокне кратовци во битката за спас и во пеколната борба за опстанокот во која Пандевци се на само три бода од вардарци, па и на избраниците на Васоски им гори под нозе за да останат прволигаши во оваа сезона.

Васоски лани на Вардар му ја донесе последната шампионска титула, зимава го остави со добра залиха, но новиот егзодус на играчи и комплетниот хасо кај црвено-црните, го ставија најтрофејниот клуб да се тресе за опстанокот, па сега пред себе има многу тешка задача да освои бодови против далеку посолидниот струмички тим кој пролетва е многу подобар од есенските разочарувачки резултати.

На Вардар му треба повторување на играта од второто полувреме со Ренова во средата и може да се надева на добар резултат, но за тоа ќе мора повторно да се одигра максимално ангажирано и дисциплинирано во текот на сите 90 минути. Пандевци од друга страна, против Вардар гледаат шанса за бодови, за дури и да го прескокнат Борец и уште во подобра ситуација да ги чекаат последните пет рунди во оваа сезона.

Ако Работнички сака излез во Европа, подобра шанса за ептен да влезе во таа битка е денеска на Националната Арена „Тодор Проески“ да ја победи Македонија ЃП и во завршницата од сезоната сериозно да се доближи до „лавовите“, а со тоа и дапокаже дека овој тим на дебармаалци е кадарен за да ја претставува Македонија на европска сцена.

Сѐ освен победа за дебармаалци скоро да ќе значи крај на европските амбиции, а од пресметката добра вест чека и Струга Трим Лум, која има незгодна пресметка со Пелистер, во која триумф на стружани исто така ќе ги вратат во таа трка за место во Конференциската лига. Но, битолчани кои пролетва се како препородени, веќе еднаш ја освоија Струга, па секако дека ќе бидат тврд орев, а и нив им требаат бодовите за да продолжат кон остварувањето на целта и обезбедувањето на сигурен опстанок.

ПРВА ЛИГА, 28. КОЛО (13 ЧАСОТ)

СТРУГА: Струга Трим Лум – Пелистер

АРЕНА: Работнички – Македонија ЃП

ВЕЛЕС: Борец – Шкупи

СТРУМИЦА: Беласица – Шкендија

СЦ „ПАНДЕВ“: Академија Пандев - Вардар

ВЧЕРА

Ренова – Силекс 2-1 (2-0)

Шефити 12, Јусуфи 38 – Галевски 90

ТАБЕЛА: Шкендија 62, Шкупи 49, Македонија ЃП 47, Струга Трим Лум 41, Работнички 40, Пелистер 35, Борец 33, А. Пандев 31, Ренова 31, Силекс 29, Вардар 28, Беласица 17.