Силекс со реми против Висла ги почна зимските тестови во Анталија

Хитот на есенскиот дел од македонската Прва лига, Силекс ремизираше 1-1 со полска Висла Краков на стартот на зимските подготовки во Анталија.

Кратовци на кои сите им предвидуваа битка за опстанок, а есеноска дотуркаа на четвртото место со ист број на бодови како Академија Пандев (по 27), еден зад втората Шкендија, денеска успеа да ѝ покаже заби на Висла и да најави дека овој тим низ подготовките нема да се откаже од трката за излез во Европа во пролетниот дел од сезоната.

Висла по само десет минути од контролката поведе, а кратовци три минути пред полувремето израмнија и потоа во вториот дел резултатот не се менуваше. Силекс е третиот македонски клуб во Анталија, кој започна со тестовите во оваа зимска пауза, после Вардар кој загуби од Хајдук со 1-3 завчера, а Македонија ЃП вчера ремизираше без голови со Погон Шчечин.