Во Вардар врие – тренерите се заканија со штрајк за неисплатени плати!

Кризата во најтрофејниот македонски клуб Вардар кулминира денеска со закана за штрајк на тренерите во младинско-пионерската школа, кои јасно ѝ ставиле до знаење на управата дека повеќе нема да ги тренираат црвено-црните надежи, ако не се исплатат заостанатите плати и долгувањата на клубот кон нив.

Тренерите во младинско-пионерската школа на Вардар денеска на состанок со раководството на клубот им предочиле дека ќе штрајкуваат и нема да држат тренинзи, ако не добијат пари, иако добиле ново ветување дека во брзо ќе бидат подмирени сите долгувања кон нив. Најголемиот дел од тренери застанале на ставот да не ги водат тренинзите, ако не се исплатат парите.

Хаосот со лошите финансии во Вардар повторно ги враќа стравовите кај навивачите дека може да се врати клубот на периодот пред осум години, кога катастрофалната финансиска состојба го донесе клубот на раб на пропаст, па прво тогаш настрада школата „Кирил Симоновски – Џина“, која буквално се распадна, а потоа сè заврши со испаѓањето на црвено-црните во Втората лига, но летото 2011 година , Вардар успеа да се спаси со фузијата со второлигашот Миравци, кој тогаш требаше да влезе во Првата лига.

Вардар, кој имаше историска сезона во минатата година со настап во Лига Европа неочекувано се најде во незавидна ситуација и покрај добрата заработка од 4,1 милиони евра за настапот во европскиот крем, па на клубот пред неколку месеци му беше блокирана сметката од Акционерското друштво за стопанисување за станбен и деловен простор (АДСДДП) за користење на Националната Арена „Филип Втори“, а фудбалерите и вработените немаат земено веќе седум месеци плата и покрај силните најави и ветувања за брзо регулирање на долговите. Поради финансиската криза повеќе од еден месец првата ѕвезда Тигран Барсегјан, како и рускиот напаѓач Максим Максимов не може да играат за Вардар, поради неможноста да добијат работни дозволи сè додека не се регулираат обврските кон овие двајца фудбалери.

Од летоска е најавено и дека сопственикот Сергеј Самсоненко во декември ќе се повлече од клубот и дека ќе го врати на Град Скопје, но сето тоа засега е на „стенд бај“, зашто градот сака чисти сметки со регулирани долгови пред да го преземе, еднакво како што градот на рускиот бизнисмен му го даде клубот во јануари 2014 година.

Вардар до крајот на есенскиот дел од сезоната има уште четири меча и веќе е три бода зад Шкендија, иако пред еден месец имаше седум бода предност пред најголемиот ривал.