Шкупи не го проби бедемот на Тиквеш, за финалистот ќе се одлучува во Кавадарци

Екипите на Шкупи и Тиквеш ремизираа без голови во првиот полуфинален натпревар од Купот на Македонија, одигран попладнево на Чаир.

И покрај тоа што домаќинот беше подобар противник, не успеа да го пробие бедемот на кавадарчани, па за учесникот во финалето од овој меч ќе се одлучува на 17 април на теренот на Тиквеш. Шкупи ја имаше иницијативата, но акциите најчесто се завршуваа на околу 25-30 метри од голот на гостинскиот тим.

Во финишот, поранешниот шампион се обиде со поактивна игра да дојде до предност, ама и тој обид не вроди со плод. Тиквеш со неколку контранапади го префрли тежиштето на играта на противничката половина, но не создаде изгледни шанси за гол.

На реваншот во Кавадарци за две недели, Тиквеш ќе се обиде да дојде до првото финале во клупската историја, а Шкупи до првото по 20 години.