
Шкупи бара крај на мизеријата, но Македонија ЃП оди по триумф во Чаир
Чаирчани се наоѓаат во катастрофална форма со шест порази по ред во новата сезона и бараат излез од кризата откако се најдоа на дното на табелата без освоен бод, додека тимот од Ѓорче Петров се надева на трета победа во домашниот шампионат.
По серијата лоши резултати, Македонија ЃП конечно почна да се буди, па запиша две победи во последните три средби во Првата лига.
Андреј Ричков од Шкупи се надева дека со поддршка на домашните навивачи конечно неговиот тим ќе ги освои првите бодови.
„Очекувам натпревар исполнет со добра игра и спортски дух. Верувам во мојот тим, во нашата борбеност и посветеност. Сигурен сум дека ќе дадеме сè од себе на теренот и дека заедно ќе постигнеме позитивен резултат. Ова е млада екипа, можеби најмлада во лигата и допрва ќе бележи позитивни резултати, бидејќи ги научивме грешките од претходните натпревари. По шест кола се враќаме на нашиот терен во Чаир и верувам дека со поддршката од нашите најверни навивачи конечно ќе ги освоиме овие три бода и ќе излеземе од кризата“, изјави Ричков.
Мартин Талаков од Македонија ЃП вели дека неговиот тим е свесен за предизвикот, но оди на победа во Чаир.
„Нè очекува тежок натпревар. Домаќинот игра пред свои навивачи и тоа секогаш носи дополнителна мотивација. Тоа што Шкупи сè уште нема бодови за нас апсолутно ништо не значи. Тие имаат квалитет и никако не смееме да влеземе со потценување. Ние пак, од меч во меч напредуваме и играчки и резултатски. Имаме свои мотиви, сакаме победа и тоа ќе го покажеме на терен. Македонија Ѓ.П. денеска оди на три бода“, изјави Талаков.
Натпреварот меѓу Шкупи и Македонија ЃП ќе се игра на стадионот во Чаир од 15:30 часот.