Шкендија го издоминира Вардар среде Скопје, сериозно се тресе столчето на Аргентинецот Фабијани!

Шкендија триумфира против Вардар со 2-0 во дербито од второто коло во македонската Прва лига кое се одигра на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Вардар се закануваше неколку пати кон голот на тетовци на стартот на средбата, по што следеше доминација на Шкендија која ја контролираше играта до 30. минута од натпреварот. Сепак, мрежите мируваа на двете страни откако напаѓачите на двете екипи не беа доволно прецизни.

Шкендија во второто полувреме покажа многу подобра игра од актуелниот шампион и ги казни грешките на „црвено-црните“. Франсис Тамба во 52. минута се најде на вистинското место и ја затресе мрежата на Давор Талески за водство од 1-0 на гостинскиот тим.

Тамба постигна и втор гол за Шкендија и тоа во 76. минута откако го лобуваше Талески ја донесе предност од 2-0 на тетовци, по што Вардар не успеа да одговори и загуби со 0-2 на домашен терен.

Лошата игра на актуелниот шампион предизвика и големо незадоволство кај навивачите на Вардар, кои скандираа против претседателот на клубот Миленко Неделковски, а овој пораз го зголеми и притисокот врз аргентинскиот тренер Фабијани по неуспехот и на европска сцена.

На вториот натпревар кој се играше во истиот термин од 17 часот, Скопје ремизира против Струга Трим Лум (1-1) на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ на ФФМ.