Сејдини: Охрид има потенцијал да стане важна фудбалска дестинација!

Фудбалската федерација на Македонија денеска потврди дека започна со работа на изградбата на трибината на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.

Станува збор за трибина која ќе биде со капацитет од 3.500 седишта и ќе има современи содржини како осум скај-боксови за ВИП зони, медиумски центар и други простории според меѓународни стандарди.

Обраќање пред присутните во Охрид имаше претседателот Муамед Сејдини.

“Горди сме што инвестираме во проект кој не само што ја подобрува инфраструктурата за фудбал, туку и му овозможува на Охрид да добие модерен објект од меѓународен ранг. Новата трибина, заедно со постојната, го исполнува нашиот ангажман за стадионот во Охрид. 

По завршувањето на оваа трибина, Општина Охрид ќе ги изгради двете трибини зад головите и ќе го постави осветлувањето, со што стадионот ќе се трансформира во модерен објект подготвен за меѓународни натпревари, вклучувајќи ги и оние на нашата репрезентација. Со туристичките капацитети и близината до аеродромот, Охрид има потенцијал да стане значајна фудбалска дестинација покрај туристичката. Благодарност до УЕФА за поддршката и до Општината за соработката во овој голем проект“, изјави Сејдини.