Портпаролите на ФФМ земаа иста премија како Елмас, Барди и компанија!

Членовите на фудбалската репрезентација на Македонија ја добија ветената награда од Владата од по 10.000 евра за пласманот на Евро 2021, а на списокот на „среќниците“ се најдоа вкупно 43 имиња меѓу кои покрај фудбалерите и членовите на стручниот штаб се физиотерапевтите, докторите, директорот, економот, како и за двајцата – портпароли.

Според порталот „Фактор“, исплатата на вкупно 430.000 евра е направена на истекот од 2020 година преку Агенцијата за млади и спорт (АМС), а по 616.950 денари од државниот буџет имало и за Фатон Зулбеари и Златко Андоновски, задолжени за односите со новинарите и за објави на интернет-страницата на ФФМ, како и за Неритан Рамадани, кој фигурира како заменик-комесар за безбедност во Куќата на фудбалот.

Од фудбалерите кои се бореа на теренот за да стигнат до историскиот настап на еден континентален собир преку Лигата на нации на списокот за премии се најдоа Стефан Спировски, Висар Муслиу, Дарко Велковски, Стефан Ристовски, Дамјан Шишковски, Енис Барди, Егзон Бејтулаи, Столе Димитриевски, Бобан Николов, Егзон Алиоски, Елиф Елмас, Александар Трајковски, Илија Несторовски, Ферхан Хасани, Мартин Богатинов, Кире Ристевски, Иван Тричковски, Крсте Велкоски, Тихомир Костадинов, Даниел Божиновски, Енур Тотре, Кристијан Тошевски, Ѓоко Зајков и Влатко Стојановски. По 10.000 евра има и за селекторот Игор Ангеловски, како и за членовите на неговиот стручен штаб во кој се Милан Илиевски, Иван Јовановски, Џенгис Реџепи и Зоран Мицевски.

Како што наведува „Фактор“, премија од 616.950 денари завршила и на трансакциските сметки и на физиотерапевтите Бојан Цаневски, Бојан Силјаноски и Ангеле Милевски, како и на докторите Невзат Јонузи, Борислав Калковалиев и Александар Савески. Наградата ја добиле и секретарот на репрезентацијата Бојан Марковски и директорот Дени Масев. На списокот се и масерот Сашко Стојчевски и економот Виктор Велевски. На списокот има им еден добитник наведен како „нерезидентен“, кој би можел да биде Аријан Адеми или Горан Пандев, кои ги нема на списокот, или,пак, некој трет во случај овие двајца да се имаат откажано од премијата од државата.

Претходно, кон крајот на минатата година, Спорт1 ексклузивно го објави список на поделбата на премијата од 3,175 милиони евра која ФФМ им да даде на фудбалерите, тренерите и останатите во репрезентацијата, а кој предизвика бурни реакции поради големите пари кои завршија кај дел од инволвираните во проектот наречен „Евро 2021“.