Пандев: Луѓе од ФФМ на чело со лажгото Масев шират дезинформации за мојот клуб - ние одиме на титула!

Академија Пандев не е клубот што ќе се откаже од Првата лига, откако неколку медиуми блиски на претседателот на ФФМ Муамед Сејдини, лиферуваа информации дека струмичани нема да продолжат да се натпреваруваат во елитата. 

Спорт1 го контактираше Горан Пандев, кој не беше изненаден од шпекулациите. Категорични отфрли сѐ што е напишано за неговиот клуб. 

Знаете дека јас сум голем борец, дека сакам Академијата да успее. Многу луѓе од странство се заинтересирани да влезат и да инвестират и мислам дека тоа ќе се оствари по нашите настапи во Европа летово. Што се однесува до шпекулациите, во тоа нема никаква вистина. Сето тоа потекнува од кујната на ФФМ и од шемите на лажгото Дени Масев (спортски директор на А-тимот н.з.), кој сака да стане претседател на ОФС Струмица, па сега шири невистини за мојот клуб. 

Напротив, на Академија Пандев, следна цел е освојување на шампионската титула наредната сезона. Еве потпишуваме играчи со три години договор, зарем тоа би го правеле ако се откажуваме. Само едно знам - дека ќе се бориме против најголемото зло во македонскиот фудбал и верувам дека ќе успееме, ни изјави Пандев.