Пандев: Ќе се кандидирам за претседател на ФФМ, само ако се смени Статутот!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев ќе се кандидира за претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) само ако се смени Статутот на куќата на фудбалот и според Законот за спорт, клубовите добијат мнозинство за да решаваат за фудбалот во земјава.

Пандев, кој е рекордер по број на настапи за Македонија и најдобар стрелец во историјата на македонската репрезентација ексклузивно за „Спорт 1“ посочи дека без промена на Статутот на ФФМ нема намера да влегува во никакви авантури.

Вчера општинскиот сојуз (ОФС) на Струмица имаше свое Собрание, но не избра делегати за закажаното изборно Собрание на ФФМ, иако многумина очекуваа дека Пандев ќе биде кандидиран за претседател на ФФМ, ама...

„Без усогласување на Статутот со Законот за спорт, што значи без клубовите да решаваат за македонскиот фудбал, немам намера да се кандидирам за претседател на ФФМ. Ако се усогласи Статутот и ако клубовите од Прва и Втора лига ме предложат за кандидат за претседател и гласаат, јас со голема чест и задоволство би прифатил да бидам претседател на ФФМ. Во друг случај, во ваква состојба – никако! Па еден великан како Панчев знаеме како помина на избори со ваква структура“, ни изјави Пандев.

Капитенот на репрезентацијата посочи дека клубовите мора да бидат тие што ќе решаваат за фудбалот, а не фудбалски анонимуси според актуелната состојба.

„Јас сум за доброто на фудбалот и вакви работи какви што се случуваат во македонскиот фудбал нема ни во Зимбабве. Ако не се смени состојбата, а веќе најавив, ако клубовите не бидат тие што решаваат, јас ќе завршам и со проектот Академија Пандев. Зошто би давал(е) пари, ако други решаваат за фудбалот“, додава Пандев.

Струмичката легенда од 2001 година кога направи трансфер од Беласица во младинскиот погон на Интер потоа изгради извонредна кариера на Апенините, па стигна да е трет странец во историјата со најмногу настапи во Калчото (461 меч), да е пред влез во кремот на голгетери и само три гола му требаат за да стигне до стотката. Беше европски и светски клупски првак, освои „скудето“ (сѐ со Интер), освојуваше Купови со три клуба (Лацио, Интер, Наполи), а со Македонија ќе игра летово на Евро 2021 како круна на кариерата.