Панчев: Вистинско чудо е што денеска Шкендија не нѐ победи!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар „го вклучи алармот“ откако мајсторијата на бразилскиот виртуоз Фелипе ги спаси црвено-црните од пораз во куп-дербито со Шкендија (1-1), па сега шампионот по потешкиот пат ќе мора да се избори за полуфинале и тоа на жешкиот терен во Тетово во реваншот закажан за 7 март.

Вардаровата јавност по само три кола и тоа како е незадоволна. Вардар остана на осумте бода негатива во однос на Шкендија и титулата уште отсега изгледа недофатлива, а по „првото полувреме“ во Купот, црвено-црните ќе патуваат со примен гол и реми кај големиот ривал и ќе треба да го освојат Тетово за да го елиминираат лутиот ривал од кој досега трипати испаднаа во четирите вакви пресметки во последните пет години.

На јавноста не ѝ е јасно што се случува во Вардар, па разноразни кулоарски приказни се вртат околу најтрофејниот клуб, особено затоа што голем дел од ракометните ѕвезди си одат од Скопје, женскиот клуб останува само на младински погон... Одговори побаравме од фудбалскиот сектор за тоа дека Вардар може да остане и без трофеи сезонава.

Незадоволството од начинот на игра денеска е огромен кај сите приврзаници на Вардар, па нормално и во клупските структури

„Од фудбалски аспект ова реми за Вардар може да биде само позитивен знак. Ќе прашате зошто? Затоа што ако играш вака слабо како денеска, против добра екипа како Шкендија, која реално е добра екипа и да не загубиш натпревар, а да одиграш само 1-1... Тоа може да биде само добар знак. Сега останува на екипата тоа да го искористи, едноставно затоа што денеска навистина игравме под секое ниво и вистинско чудо е што Шкендија не нѐ победи. Овој меч денеска е една од неколкуте мечеви кој Вардар ги одигра оваа сезонава, од кои самиот Вардар треба да научи како не треба да се игра. Ова треба да биде за памет, како не треба да се игра“, вели Дарко Панчев, спортскиот директор на клубот.

Според него одредени поедници не играат на нивото на Вардар.

„Одредени поединци предолго време добиваат континуирано шанса, а не покажуваат ништо“, вели Панчев, но на прашањето да посочи кои се тие додаде: Си има Вардар стручен штаб и нека гледа и нека размислува кои се тие. Ние од фудбалски аспект, одозгора гледаме некои работи ги гледаме и сметаме дека одредени поединци не играат на нивото на ФК Вардар. Ама, на стручниот штаб е тоа да си го утврди и да го детектира“.

Црвено-црните зимава ги напуштија Бобан Николов, Висар Муслиу, Бесир Демири, Итало, Јамбул Џигаури, Хофханес Хамбарџумјан, па јавноста со право поставува едно прашање, дали Вардар е послаб од есеноска по одработениот зимски преоден рок во кој дојдоа Кристијан Тошевски, Јован Попзлатанов, Матеј Цветановски, Кларенс Битанг, како и младиот голман Филип Илиќ.

„Не може да се каже дека Вардар е послаб, меѓутоа дека не сме ни појаки тоа е – сигурно. Проблем е во зимски преоден рок да се најдат играчи и јас ја прифаќам таа теза. Летно време е многу полесно да се најдат фудбалери, периодот за трансфери е подолг, можеш да следиш повеќе одредени фудбалери. Меѓутоа, можевме и сега да донесеме барем уште едно добро засилување. Но, така испадна, не успеавме и тоа е – одиме понатаму“, вели Панчев.

По само три меча во пролетниот дел, актуелниот македонски шампион Вардар оди по работ на бездната затоа што во следните две недели може да остане и без ниту еден трофеј, а полуфиналето сега треба да се брка на жешкиот терен во Тетово. За Вардар трофеите се императив, но...

„Без оглед на се, и да не се освои никаков трофеј оваа година, желбите на газдата (Сергеј Самсоненко – н.з) се Вардар постепено да прави се подобра и подобра екипа, а ние сме затоа тука и секако дека ќе се трудиме во што побрз можен рок да направиме екипа која ние мислиме дека ќе игра на таков начин на кој ќе им биде драго на сите што ќе дојдат на стадион. Дека сме се уште далеку од тоа јасно ни е на сите, тоа не е ништо спорно“, потенцира Панчев.