ОФС Кочани прв ѝ врти грб на ФФМ - бојкот на Собранието!

Општинскиот фудбалски сојуз на Кочани е прв од 26-те членки на Фудбалската федерација на Македонија, кој им заврте грб на актуелните лидери на најбогатата спортска федерација во државава. 

Вкупно 20 од 28 делегати на ОФС Кочани ја бојкотираа седницата на собранието на оваа членка на ФФМ, на која оставка си поднесе досегашниот претседател Љубчо Ѓорѓиевски. 

На седницата, на која присуствувале тројца функционери на ФФМ - потпретседателот Лазар Ракиџиев, членот на УО Димитар Џонов, како и Владимир Гашевски, општинските делегати јасно им ставиле на знаење дека не сакаат да им дадат поддршка на тоа што досега го правеле. Претставниците на најголемите клубови од ова ОФС - Осогово, Слога и Саса, воопшто не ни биле присутни. 

Како што дознаваме, во салата останале само осуммина делегати, што не било доволно за да се обезбеди кворум за работа. Тројката од ФФМ се обидела да присобере луѓе од градот, спортски работници, со цел да обезбеди минимален кворум за да можат да изгласаат делегати по нивен терк за Генералното собрание на ФФМ, но и во тоа не успеале, напротив, наишле на уште поголем отпор.

Агенцијата за млади и спорт се спротистави на ФФМ откако луѓето од најбогатата спортска федерација одбија да го усогласат Статутот со Законот за спорт, кој предвидува делегатите на Собранието на ФФМ да бидат директни претставници на клубовите, а не тотални анонимуси како што беше практика досега.

ФФМ годинава треба да одржи Изборно Собрание, на кое ќе се избере претседател на Федерацијата.