На Арена спорт од јануари ќе се коментира на македонски и на албански јазик!

Преносите од најквалитетните спортски настани ширум планетата, во кои предначат средбите од Премиер лигата, Серија А, Ла Лига и од НБА, повеќе нема да се следат со коментар на српски јазик, откако челниците на Арена спорт најавија отворање по пет канали од оваа регионална телевизија на кои ќе се говори на македонски односно на албански јазик.

Оваа новина се планира да се промовира од следната година.

„Планираме пет канали да бидат на македонски јазик и пет на албански јазик бидејќи таму албанскиот јазик е еден од службените јазици“, изјави главниот извршен директор на Арена ченелс групацијата, Небојша Жугиќ.

Арена спорт каналите, кои се дел од Телеком Србија групацијата, се најгледаните спортски канали во регионот и во Македонија. Тоа се должи на фактот што оваа телевизија ги има ексклузивните права за пренос на најквалитетните фудбалски, кошаркарски, ракометни и останатите спортски натпреварувања. На Арена спорт одат преноси од Лигата на шампиони, Лигата на нации, Лига Европа, квалификациските натпревари за СП 2026, како и за ЕП 2024 и ЕП 2028 година, натпреварите од НБА. Покрај ова, од неодамна има преноси од НФЛ и од американскиот бејзбол шампионат.

Покрај елитните лиги и натпреварувања од светот, на Арена каналите се пренесуваат и натпреварите од Првата македонска фудбалска лига, како и АБА 2, каде што се натпреваруваат македонскиот кошаркарски шампион, МЗТ Скопје, како и екипите на Пелистер и на ТФТ.