Може ли Вардар до спас? Дури сега почнува пеколот за опстанок во кој влезе и Борец

Најтрофејниот македонски клуб веќе трето коло останува најзагрозен за опстанокот со претпоследното место кое директно води во Втората лига, но на пет кола до крајот црвено-црните остануваат во трката за да се спасат, ама за тоа ќе мора да освојуваат многу повеќе бодови од тоа што досега го остварија, само три во десет меча.

Вардар остана на 28 бода на претпоследното место, еден зад Силекс кој е пред нив во зоната за бараж, а три зад Ренова која исто така е во зона за бараж, а пет зад Борец, кој допрва ќе го очекува пеколна борба исто така за опстанокот, зашто има три директни дуели со овие засега најзагрозени екипи во прволигашката конкуренција. Велешани после денешниот пораз дојдоа први над цртата за опстанокот, па бидејќи имаат директни дуели со засега послабо пласираните од нив, јасно е дека Борец го чека исто така пекол за опстанокот.

Бидејќи во оптек се 15 бода од последните пет кола, математиката за Вардар е јасна во еден дел. Ако сака да го избегне претпоследното место ќе мора да освои два бода повеќе од Силекс во преостанатите пет меча. Ренова од Вардар е три бода, а во ситуација кога скопската гордост има послаб меѓусебен дуел со двата клуба им треба бод повеќе од ривалите. Во случајот со Силекс тоа се два бода повеќе од кратовци во следните пет меча, а четири во однос на Ренова.

Но, проблем е што ако Вардар веќе во следното коло го чека „најлесната“ задача против фенерџијата Беласица, струмичкиот тим во следните два исто така ќе игра со Силекс и Ренова, па и ривалите на црвено-црните може да планираат сигурна победа, што значи дека бодови ќе мора да се освојуваат во другите четири пресметки што им се по разпоредот на кандидатите за опстанок.

Заедничко за најзагрозените во моментов е тоа што трите тима освен со Борец и Беласица до крајот имаат и по еден меч со скопски Работнички, па дебармаалци несакајќи може и да го скројат пласманот во завршницата од сезоната и да пресудат кој покрај Беласица ќе оди во понизок ранг.

Сепак за Вардар клучни веројатно се следните два меча, кога ја чекаат Беласица, а Борец гостува кај Шкендија која со победа ќе се круниса за првак, а потоа им гостуваат на велешани. И во целава сплетка за разврската, Борец кој влезе во криза, сега може и да се најде во незавидна ситуација, па практично од следното коло почнува пеколот за спасот.

Црвено-црните до крајот на сезоната имаат едно исклучително тешко гостување во Струга и домашен меч со Македонија ЃП, која се бори за излез во Европа, додека ривалите Силекс, Ренова, а и Борец кој влегува во овој пеколен финиш ќе мора да се соочат и со Академија Пандев, екипа која пролетва игра препородено во однос на есенскиот дел од сезоната, па ако е за утеха за вардарци може да се надеваат на својот бивш кормилар Александар Васоски дека ќе имаат индиректна помош за евентуално да се спасат сезонава.

Сепак, на крајот сепак се сведува на квалитетот, а црвено-црните пролетва покажаа премалку, а и за волја на вистината немаат ниту екипа која може сериозно да се бори за резултати, оставена во хаотичниот и турбулентен период на најголем дел младинци, а како капак беше стартот во „пет до 12“ зимава за да се избегне црното-сценарио, кое останува да виси над најтрофејниот клуб.

ТАБЕЛА ЗА ОПСТАНОК

8. Борец 33 бода
------------------------
9. Ренова 31 бод
10. Силекс 29 бода
----------------------------
11. Вардар 28 бода
12. Беласица 17 бода

РАСПОРЕД ЗА ОПСТАНОКОТ ДО КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА

29 КОЛО (25 АПРИЛ)
Вардар – Беласица
Силекс – А. Пандев
Пелистер – Ренова
Шкендија - Борец

30 КОЛО (28 АПРИЛ)
Борец – Вардар
Беласица – Силекс
А. Пандев – Ренова

31 КОЛО (2 МАЈ)
Силекс – Борец
Вардар – Работнички
Ренова – Беласица

32 КОЛО (9 МАЈ)
Струга ТЛ – Вардар
Работнички – Силекс
Борец – Ренова

33 КОЛО (16 МАЈ)
Ренова – Работнички
Силекс – Струга ТЛ
Вардар – Македонија ЃП
А. Пандев - Борец