Лекција за ФФМ: Академија Пандев ги продаде ТВ правата на Спортклуб!

Македонскиот прволигаш Академија Пандев ѝ одржа лекција на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), откако објави дека постигнал договор со „Спорт клуб“ и ова се први пари кои ќе ги заработат од ТВ-права како и секој нормален тим, додека ФФМ сѐ уште преговара со „Арена Спорт“ иако веќе се одиграа шест кола.

Дури 10 македонски прволигаши ѝ дале согласност на ФФМ да ги застапува и да ги продаде ТВ-правата на „Арена Спорт“, додека Шкендија и Академија Пандев не се согласиле на такво нешто и решиле сами да го решат тоа прашање.

„На наше огромно задоволство објавуваме дека oд наскоро домашните натпревари на ФК Академија Пандев ќе одат во живо на регионалниот спортски телевизиски канал Sport Klub. ФК Академија Пандев е првиот фудбалски клуб во нашата држава кој самостојно ги продаде ТВ-правата на регионална телевизиска куќа. Договорот е веќе потпишан и важи за домашните куп и првенстевни натпревари за наредните три сезони, почнувајќи од тековната 2021/22, 2022/23 и 2023/24 сезона!“, соопштија од екипата.

„Арена Спорт“ претходно ги имаше правата на македонската Прва лига во период од 2019 до 2021 година со договор вреден 150.000 евра по сезона.

Поради тоа што Шкендија и Пандевци одбија да бидат во кошот на ФФМ, од Федерацијата добија порака дека мора да платат котизација за да играат во тековнава сезона.