Кожуф се „вади“ со соопштение посмешно и од голот што го примија од Башкими!

Второлигашот Кожуф од синоќа стана синоним на нечесност и отсуство на спортски кодекс, откако фудбалерите на овој тим на срамен начин на домашен терен му дозволија на противникот Башкими да постигне победнички гол во судиското надополнување (види ТУКА).

Македонската јавност остана згрозена од начинот на кој гевгелиските фудбалери ги пуштаа ривалите да дојдат до нивниот гол, а кулминација на целата комедија беше реакцијата на домашниот голман, кој не се ни обиде да ја одбрани топката што одеше во неговата мрежа. И наместо да се „сокријат во дупка“ и да чекаат казна за срамниот чин, луѓето од Кожув денеска излегоа со соопштение кое е посмешно дури и од голот што го примија.

Тие ги отфрлаат обвинувањата, но потенцираат дека ако има виновници тие ќе треба да бидат казнети, однесувајќи се во стилот – ние не сме од тука.

„Во рамките на 28-коло од ВМФЛ на градскиот стадион во Гевгелија се одигра натпреварот помеѓу Кожуф и Башкими кој, заврши со резултат 1-2. По завршувањето на натпреварот во јавноста имаше силни реакции во однос на залагањето на дел од играчите од нашиот тим. Во овој момент ги отфрламе обвинувањата кон Кожуф и играчите. Доколку истрагата од надлежните органи утврди нерегуларности на овој натпревар виновниците нека бидат најстрого казнети“, се вели во соопштението на гевгеличани.

Синоќа со остра реакција се јавија предводниците на ФФМ најавувајќи детална истрага и жестоки казни за виновниците, додека министерот за спорт, Борко Ристовски, најави одземање на лиценците на двата клуба, ако се докаже дека имало нечесни игри.