Комити им дадоа поддршка на фудбалерите и новиот тренер на Вардар: Заедно до крај!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар катастрофално ја почна новата сезона и на првата репрезентативна пауза се наоѓа на последното место на табелата во домашното првенство, со само една победа на четири меча.

Да биде уште потрагично, за само еден месец, на тренерската функција во Вардар се сменија тројца стручњаци, а од пред два дена на неа е Срѓан Захариевски. Она што се случува во Вардар е главна тема во македонскиот фудбал, сите во екипата се под голем притисок, па најжестоките навивачи одлучија да им дадат поддршка пред продолжението од првенството, но во исто време да побараат од нив максимална борба.

„ЗАЕДНО ДО КРАЈ

Претставници на групата вчера присуствуваа на тренингот на тимот. На сите кои во овој момент раководат со клубот, на стручниот штаб, како и на фудбалерите, јасно им се даде дознаење кои се целите и црвените линии кои не смеат да бидат поминати!

Приказната за клубот на народот, крваво ја градеа илјадници луѓе и затоа нема да дозволиме никој да си поигрува со идентитетот на нашата борба! Воедно, упативме целосна поддршка до новиот шеф на стручниот штаб, Срѓан Захариевски и до целиот негов тим. Бараме само едно: БОРБА И САМО БОРБА!

За крај, упатуваме апел до сите навивачи на клубот, паузата да ја искористиме за најголема комитска МОБИЛИЗАЦИЈА!

Нека пркоси црвено-црното, нека доминира!
НАШАТА ПРИКАЗНА ПРОДОЛЖУВА!“, стои во соопштението на Комити.

Во моментов првенството е на пауза, а следниот натпревар на Вардар е на 15 септември против Гостивар кој, за разлика од „црвено-црните“, одлично ја почна сезоната и се наоѓа на третото место со осум бода.