ЈАКО ја (и)стриже ФФМ: Ем ги утна дресовите, ем ќе си лапне – 350.000 евра!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) која се изглупира со промоцијата на новите дресови, па се извинуваше денеска со најава дека ќе ги повлече истите, префрлајќи ја одговорноста кон германскиот партнер ЈАКО за пропустот со бордо дресот, е веројатно единствената федерација на светот која на својот спонзор му плаќа „дебели пари“ за да добие опрема.

Глупоста на векот ФФМ со ЈАКО ја направи во петокот со промоцијата на новите дресови за дебито на Македонија на ЕП, па наместо црвено-жолт добивме бордо дрес и црно-портокалова како резервна варијанта, ништо заедничко и во двата случаи со боите на националното знаме. И после 48 часа, првиот човек на ФФМ Муамед Сејдини се извини за пропустот, ама одговорноста на префрли на германскиот производител кој во изминативе седум години од ФФМ се наполни со пари зашто скоро секоја година нашата Куќа на фудбалот (до)купува опрема во вредност од стотици илјади евра (?!).

ФФМ и ЈАКО веќе седма година имаат соработка, која многупати била посочена како успешна, ама на најважниот испит и двете страни паднаа. Кога дојде ред да се создаде величенствен дрес за нашето деби на големата сцена, јавноста виде глупост на векот, ама за жал, за оваа утка сметката ќе биде голема. Ем ќе се (на)плати идејното решение, а веројатно и повлекувањето на дел од севкупната опрема.

Спорт 1 веќе во март еднаш објави дека ФФМ е единствената федерација која си плаќа за опремата, а за годинава е предвидено тоа да чини 350.000 евра, што е запрепастувачки, зашто тешко дека постои селекција на светот која има спонзор од кој „како на пазар (до)купува опрема“, па прво прашање е чуму спонзор, ако треба опремата да се плати? Настрана тоа носи и дополнителни трошоци за транспорт и шпедиција, царина, а во случајот со новите дресови и (не)креативни дизајнерски услуги...

Според проектираниот буџет, само за опрема за сите репрезентации годинава треба да се потрошат 200 илјади евра, па има уште 50.000 евра за опрема за фудбалската Академија, 14.400 евра за опрема за футсал, 65.000 евра набавка за опрема за женски фудбал и 30-на илјади евра за опрема за грасрут-програмата (детски фудбал). Севкупно вкупна набавка од официјален технички партнер/спонзор на ФФМ – 352 илјади евра.

Од германска перспектива, поубав договор ЈАКО не можеле ни да добијат, особено годинава. Ем пари на сметка, ем промоција на овој бренд на најголемиот европски фудбалски настан. Македонија е единствена од селекциите што ќе игра на ЕП и ќе носи опрема на ЈАКО, а само уште Молдавија и Сирија имаат партнерски договори со германскиот производител.

Дали Манчестер јунајтед, Барселона, Јувентус или Германија, Шпанија, Бразил, Франција кои имаат милионски договори со гиганти како Адидас, Најк, Пума или други големи корпорации за спортска опрема, на својот партнер му плаќаат за нешто што на тој ист партнер му е обврска да го испорача. За рекламата да си плати колку што се договорил. Ама со ФФМ и – сѐ е можно.

Македонија на ЕП оди „Јако со ЈАКО“ - ем со стари дресови, зашто новите ги промашија, ем со 350 илјади евра помалку во касата. А, седум години трае соработката откако бившиот претседател Илчо Ѓорѓиоски го донесе овој спонзор во ФФМ, кога Муамед Сејдини го наследи, а пред две години договорот беше продолжен.

И сега некако задоволството од таа соработка не е така сјајно и одлично, кога заглавија пред најважниот настан за фудбалска Македонија. Нормална федерација со нормален претседател одамна ќе прекинеше соработка со спонзор на кој треба да му се (до)плаќа, а врвна компанија за спортска опрема досега ќе нѐ облечеше за да сјаиме во Букурешт и Амстердам и немаше два дена цел народ да се крене дека на ЕП ќе личевме на Летонија, а не на Македонија.