Ептен ЈАКО: Македонија ќе ги рекламира на ЕП, а ФФМ ќе им доплати 350.000 евра! (ФОТО)

Македонија веќе седма година има соработка со германскиот производител на спортска опрема Јако, кој е спонзор на сите национални тимови, ама запрепастувачки и шокантно делува податокот од буџетот за оваа 2021 година, дека Фудбалската федерација (ФФМ) си плаќа за опремата и тоа баш солено – 300.000 евра. Спорт 1 дојде до финансискиот извештај и буџетот за оваа година, кој Собранието глатко си го изгласа, а таму има еден куп небулози и запрепастувачки податоци, како што е овој со – спортската опрема.

Во изминативе два дена откако во неделата Собранието изгласа сѐ, меѓудругото и го реизбра Муамед Сејдини за претседател, објавивме дека ФФМ потроши рекордни 15,7 милиони евра од рекордните 21,6 милиони евра приходи, а развратот на челниците и фотелјашите во ФФМ е платено со цели пет милиони евра.

Во 2014 година тогашниот прв човек на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски го донесе германскиот производител „ЈАКО“ за спонзор, а две години потоа беше продолжена соработката под мотото „Одиме јако со ЈАКО“, па Германците добија партнер во ФФМ, кој посебно годинава баш добро ќе ги изрекламира – црвено-жолтите ќе играат на Европското првенство низ Европа. „ЈАКО“ од репрезентациите има соработка со Молдавија и Сирија, па Македонија им е „полн погодок“, зашто во случајов нашле „умни глави“ кои за бесплатна реклама, уште ќе плаќаат за опрема што треба да им ги испорачаат. Сметката е – 350 илјади евра предвидени за оваа 2021 година.

Сега се поставува прашањето, како е возможно ФФМ да има договор со партнер и спонзор, во случајов технички спонзор, за опрема за која федерацијата треба да си плати за дресовите, а плус дополнителен трошок ќе биде шпедиција, царина...? Тешко дека во светот на фудбалот има случај во кој еден тим или федерација плаќа за да добие дресови од својот партнер.

Аналогно на целава луда работа е дека Манчестер јунајтед, Барселона, Јувентус или Германија, Шпанија, Бразил, Франција кои имаат милионски договори со гиганти како Адидас, Најк, Пума или други големи корпорации за спортска опрема, на својот партнер му плаќаат за нешто што на тој ист партнер му е обврска да го испорача. За рекламата да си плати колку што се договорил.

Арно ама во Македонија очигледно е изместено сѐ, па така и ова и според буџетот, планирани се 200 илјади евра набавка на опрема за сите репрезентации, па уште 50.000 евра опрема за фудбалската Академија, 14.400 евра за опрема за футсал, 65.000 евра набавка за опрема за женски фудбал и 30-на илјади евра за опрема за грасрут-програмата (детски фудбал). Севкупно поД ставка набавка на опрема од официјален технички партнер на ФФМ – 352 илјади евра.

Завчера објавивме дека ФФМ остварила рекордни приходи од 21,6 милиони евра, од кои најголемиот дел се пари од УЕФА, ама во прикажаната завршна сметка на приходната страна никаде нема колку е приход за годишното спонзорирање на ЈАКО. Има вкупен приход само од спонзорства и донации во вкупна сума од 4,4 милиони денари (нешто над 70-на илјади евра).

ФФМ ќе треба на јавноста да ѝ објасни зошто плаќа за спортска опрема од партнерот и дали Баер Леверкузен или Штутгарт, кои исто така се партнери со оваа компанија, плаќаат за опремата што им следува?

ПРОДОЛЖУВА!