Развратот на ФФМ во 2020 чинел ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА!
ФФМ за бруто плати, исплата на разните комисии и регрес потрошила 78.270.370 денари или 1,2 милиони евра, а плус дополнителни 109.508.448 денари или 1,7 милиони евра за договори за повремени работи во кои влегуваат и селекторите, а во изминатата година и премиите за стручниот штаб и останатиот персонал во А-тимот (лекари, масери, економи, секретар, директор...). Ова заедно прави трошок од 2,9 милиони евра, а кога ќе се додадат на ова данокот (400.000 евра) и режиските трошоци за Куќата на фудбалот, кои се дури 85.371.614 денари (1,3 милиони евра) се доаѓа до фрапантната бројка од 4.6 милиони евра.
Во овие режиски трошоци на пример, потрошени се 12 милиони денари (200.000 евра) за усогласување од претходни години (?!), 5,7 милиони денари (90.000 евра) за гоштевање по ресторани, 12 милиони денари (200.000 евра за комуналии, струја, вода, поштарина, телефони, мобилни)..., по над еден милион денари за шпедиција и царина, односно адвокатски и нотарски услуги, над седум милиони денари за стриминзите, снимање и продукција на ТВ и радио емисии...
Е сега, ако го додадеме и трошокот за телата и органите на ФФМ, кои лани потрошиле речиси пола милион евра (28,5 милиони денари), сумата на трошоци за задоволување на стотици усти на годишно ниво и тоа како надминува пет милиони евра или една третина од вкупниот трошок што федерацијата го направила во тековната 2020 година, во која скоро половина година беше „локдаун“ без никакви активности поради пандемијата со коронавирус.
Така за функционирањето на разно-разните тела и органи на ФФМ, комисиите во куќата на фудбалот заедно потрошиле 1,7 милиони денари (скоро 30.000 евра), 4,9 милиони денари се на УО (80.000 евра), додека налозите за судии, контролори, делегати во сите лиги се цели 21,4 милиони денари (350.000 евра), а пола година немаше фудбал.
И ова не треба да чуди, зашто налог за контролор за два часа гледање фудбал се тарифира со 5.000 денари, што би значело дека месечно еден контролор заработува просечна македонска плата за 10 часа гледање фудбал.
Од поодамна секоја година трошоците на ФФМ се зголемуваат во делот на финансиите за Генералниот секретаријат и режиските трошоци, па од пред неколку години, федерацијата ја мина „магичната граница“ од еден милион евра буџет за плати, но според буџетот за оваа 2021 година, планирано е да се потрошат 1,9 милиони евра од кои најголем дел 1,38 милиони се само за плати, регрес и договори на дело.
Според буџетот кој Собранието во неделата без никаква расправа си го изгласа, планирано е 903 илјади евра да се потрошат за плати и регрес (798.000 евра за плати и 105.000 евра за регрес), а уште 480.000 евра пари за договори на дело. Или вкупно 1.383.000 евра само за ова, а 179.000 евра се планирани за даноци по основ на добивка, персонален данок, ДДВ.
Остатокот од парите се за комуналии, струја, вода, поштарина, телефони, мобилни, осигурување на имот и лица, банкарски провизии, помош кон општинските сојузи.
Интересно, во акцискиот план во делот за финансии, предвидена е ставка „спроведување на одлуки на Управниот одбор“ вредна 133.000 евра (?!).
Дека ништо нема да се подобри и во оваа 2021 година, јасно се гледа од усвоениот буџет, кој според ФФМ е планирано да се потрошат нови 10 милиони евра. Ако ги извадиме трошоците за вистинска намена (репрезентации, домашни натпреварувања...), повторно една третина ќе одат за недомаќинско расфрлање на милиони евра. Само Генералниот секретаријат со режиските трошоци ќе чини 1,9 милиони евра, ненајадените фотелјаши ќе потрошат 230.000 евра, маркетингот над 400.000 евра итн, што повторно стигнува до оптоварување од 30 отсто на буџетот. А, за капитални проекти и инфраструктура, барем во планот – нема ништо.
Сега, само пресметајте колку терени во земјава може(а) да се направат и колку помош клубовите во ек на пандемија со коронавирус може(а) да добијат, ако вистински и домаќински се работи со касата и со најбогатата и најмоќна спортска организација во земјава. И зошто клубовите, дел од нив, кренаа глас против ова раководство на ФФМ, кое во неделата беше реизбрано на Собранието на куќата на фудбалот, на кое немаше ни една минута расправа, туку сѐ си се изгласа мазно и експедитивно.
ПРОДОЛЖУВА!