И општина Ѓорче Петров ќе помага во финансирањето на Вардар!

Општина Ѓорче Петров им се приклучи на останатите скопски локални самоуправи во давање помош на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, кој по пауза од две години се враќа во Првата лига.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски објави дека имал средба со навивачката група „Комити“ и се договориле Вардар да го користи фудбалското игралиште во Волково каде што ќе тренираат младинските категории.

„По убавата вест за влегувањето на клубот во првата македонска фудбалска лига, оваа помош од Општина Ѓорче Петров ќе придонесе во решавањето на проблемите на ФК Вардар на долг рок, кажа Стојкоски.

Вардар претходно доби решение и за фудбалски терен, кој може да се користи за тренинзи и подготовки на натпреварите, откако во пресрет излезе општина Аеродром, која му додели во близина на спортскиот центар Јане Сандански“, покрај кејот на Вардар.

Општина Аеродром пред неколку дена почна и реконструкција на теренот на игралиштето, кој беше во лоша состојба, со цел да се донесе во соодветна состојба за да може да го користат „црвено-црните“.

Помош за Вардар пред баражот пристигна и од локалната самоуправа на Кисела Вода, која оддели сума од милион денари како помош за македонската фудбалска гордост.

„Црвено-црните“ добија помош и од Карпош и Центар, а исто така и останатите скопски општини најавуваат поддршка за Вардар.