Гуцев: ФФМ сака да го заташка случајот, а ние тепани и понижени да сме – виновни!

Тренерот на струмичка Беласица, Благој Гуцев кој летоска седна на клупата големиот македонски фудбалски бренд со стогодишна историја беше еден од нападнатите и натепаните во скандалот во скопски Синѓелиќ, пред гостувањето со Локомотива, кога неслужбени лица во соблекувачната го нападнале.

Гуцев и тренерот на голманите добиле ќотек, а потоа и закани со употреба на огнено оружје, по што мечот воопшто и не се одигра. Тренерот на Беласица, денеска, објави дека ФФМ се подготвува да го заташка случајот, а Беласица да излезе на крај виновна.

„ФФМ подготвува заташкување на случајот! И тепани и понижени ќе излеземе виновни. Едно е јасно сѐ е резирано и врзано. Од прв до последен, службените лица доцнеа на натпреварот и застанаа на страна на тепачите. Лицето е познато на сите и на полиција и на федерација.

Бламирајте сѐ, понижувајте нѐ на секој начин, а јас лично ќе го водам случајот до крај. Моето семејство го трпеше стрсот што го доживеав и затоа ќе одам до крај.

Службени лица (делегат, судии, комесар) да не даде Господ вашето дете да биде удрено како што вчера бев јас.

Јас можеби и ќе ставам крај на кариерата, која само што ја почнав, зашто иднината на моето дете не ја гледам во таа комрумпирана дупка. А, ти насилнику со умисла на удар со поголема повреда ќе ги трпиш последиците за нападот. Господ е голем!“, објави Гуцев.

Беласица има 29 бода на табелата и е шестопласирана, додека на Локомотива ѝ гори под нозе во битката за избегне испаѓање или најмалку бараж за опстанок во второлигашкото друштво.