Грнчаров: Колку што знам, Дарко Панчев е спортски директор на Вардар, а не јас!

Бобан Грнчаров, поранешниот капитен на македонскиот фудбалски прволигаш Вардар реагира на сѐ позачестените прозивки на социјалните мрежи каде што неговото име се става во контекст на нов спортски директор на најтрофејниот клуб во Македонија.

Грнчаров минатото лето реши да стави крај на активната играчка кариера, но последнанав недела, со неговото име активно се шпекулира за позицијата на спортски директор на Вардар.

„Тоа се само шпекулации кои ги објавија одредени медиуми, а за кои навивачите помислија дека е официјално. Јас колку што знам, спортски директор на Вардар е Дарко Панчев, тој си ги извршува обврските во клубот. Јас не сум имал контакт на таа тема со никој од Вардар, што не значи дека нема да имам во иднина. Јас во моментов сум само поранешен фудбалер на Вардар и - ништо повеќе, вели популарниот Грне.

Вардар пред десетина дена се спаси од двегодишната суспензија од УЕФА, поради долгот што клубот го имаше спрема сегашните и поранешните фудбалери. Газдата Сергеј Самсоненко на последниот ден од рокот (31 јануари), им ги плати сите долгови на играчите, па црвено-црните избегнаа казна од две години неиграње во натпреварувањата на УЕФА.

Зимава, црвено-црните одржаа подготовки во Анталија, на кои не победија на ниту една пријателска средба, а вчера катастрофално загубија со 1-6 од Академија Пандев, во последниот подготвителен меч пред стартот на пролетниот дел од сезоната. На клубот му пристапија неколку фудбалери, во екипата се врати и бразилецот Фелипе, но далеку се црвено-црните од тим што може да биде конкурентен за титулата во оваа сезона.