ФК Скопје: Грабежот во Врапчиште ја прели чашата, сакаме - чесно првенство!

Фудбалскиот клуб Скопје преку соопштение реагира на случувањата од нивното гостување кај Беса во Врапчиште кога домаќините победија со гол од непостоечки пенал.

Откако судиската комисија вчера ја потврди грешката на судијата Миле Лазов да досуди пенал за Беса во дуелот со Скопје, сега со соопштение излезе и клубот од Автокоманда кој е згрозен од случувањата на овој натпревар.

Соопштението на ФК Скопје ви го пренесуваме во целост: 

„ФК Скопје трпеливо и одговорно ја чекаше судиската анализа за натпреварот ФК Беса-ФК Скопје одигран на 6-4-2024 кој заврши со победа на домаќинот од 2-1. Сега веќе, можеме да ги соопштиме и нашите видувања и забелешки во интерес на вистината, на она што се случуваше на фудбалскиот терен во с.Врапчиште. Укажуваме на сите нерегуларности на натпреварот во име на точното информирање. Според прикажаната игра од страна на двете екипи, оние што имаа можност да го следат натпреварот во живо или  преку видео стрим, можат да потврдат дека ФК Скопје прикажа квалитетна игра, модерен фудбал и беше поблиску до победата. Во најмала рака не заслужи да дозивее пораз. Директен виновник што ФК Скопје не се врати со три или барем со еден бод судиската тројка предводена од главниот судија Миле Лазов и неговите помошници Зоран Ангелов и Ване Дупкаров. Изразуваме благодарност до судиската организација на Македонија за коректната анализа во однос на само еден спорен момент (досуден непостоечки пенал за домаќинот). Истовремено се прашуваме зошто не беа разгледани одлуките на првиот помошен судија кој во два наврати сигнализираше непостоечка офсајд позиција, во момент кога фудбалери на ФК Скопје беа во позиција да постигнат гол. Со тоа да го зголемат водството и ФК Скопје да ги освои трите бодови. Го потенцираме и исклучително нееднаквиот критериум при доделување на жолти картони од страна на главниот судија. Додека нашите фудбалери, Жоглев, Ристевски... добија жолти картони во дуели во кои немаа никаков контакт со противнички фудбалери, играчите на ФК Беса за прикажаните боречки зафати и удирање без топка на нашите фудбелери не добија ниту усна опомена.

ФК Скопје прв пат реагира од почетокот на првенството иако многу судиски одлуки беа на наша штета. Сметавме дека тие се ненамерни и нетенденциозни иако ФК Скопје беше оштетен и загуби бодови со кои можеше да се најде во горниот дел на табелата.Тоа беа натпреварите со ФК Пелистер, ФК Детонит, ФК Кожув, ФК Осогово, ФК Победа...
Но, после овој судиски грабеж се прели чашата, реагираме затоа што го почитуваме трудот на управата која во овие тешки времиња обезбедува средства за непречено функционирање на клубот. Затоа што го поцитуваме трудот и пожртвуваноста  на фудбалерите на ФК Скопје и со единствена цел ваков судиски грабеж да не се повтори и да соодветно биде санкциониран. ФК Скопје досега и до крајот на првенството ќе игра чесно против сите спортски противници. Ќе се бори спортски за секој бод и ќе ги игнорира сите непристојни предлози од клубовите кои се борат за влез во ПМФЛ или од оние кои се борат за опстанок во лигата. Ние и понатаму ќе реагираме на секоја судиска неправда, фаворизирање на екипи или тенденција да бидеме оштетени. Се надеваме и очекуваме чесен и регуларен пристап во иднина од сите инволвирани фудбалски структури“.