ФФМ збор не објави за „стотката“ на Пандев во Серија А!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев вчеравечер се запиша во историјата на италијанскиот фудбал, влезе во кремот на најдобри стрелци откако стигна до 100 гола во Калчото, ама за Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) тоа е неважно, па ни еден збор нема за македонскиот ас на интернет-страницата на Куќата на фудбалот.

Пандев стана првиот македонски фудбалер во историјата кој успеал да стигне до сто гола во една од петте најсилни лиги, постигнување кое е за респект и кое ги воодушеви како Италијанците, така и македонската јавност, ама очигледно на големиот успех на Пандев во ФФМ не се радуваат, па решиле да го бојкотираат овој историски момент.

И не треба да чуди за ваквиот однос од страна на ФФМ, нивната пи-ар структура и претседателот Муамед Сејдини, за кого се шпекулира дека практично забранил да се објави било каква вест за Пандев, откако капитенот на националниот тим во изминативе неколку месеци со рафали удри по челниците на федерацијата и жестоко ги критикуваше.

И додека во Италија му се поклонуваат на Пандев, па пофалби доаѓаат од сите страни, зашто македонскиот репрезентативец направи нешто што само 80-на фудбалери во историјата на Калчоло успеале да го достигнат и да влезат во „друштвото 100“, за ФФМ е побитно јавноста да се информира дека на гости кај Сејдини му дошол Невзат Бејта, кој инаку сега нема никаква функција, па е екс-градоначалник на Гостивар.

Разговарале за подобрување на инфраструктурата во овој град во Западна Македонија, иако гостинот нема функција, па ова повеќе личи на политичка кампања пред локалните избори, одошто на некаков состанок за проектот на ФФМ за подобрување на инфраструктурата во земјава.

За ФФМ очигледно поважна е приватната посета на Бејта кај Сејдини, одошто историското остварување на Пандев, ама веќе не е првпат ФФМ да бојкотира со информации одредени членови на националниот тим, па наградата на селекторот Игор Ангеловски од Агенцијата за млади и спорт и неговото обраќање, практично не беше ни објавено.

Инаку, веќе објавивме ФФМ годинава има испланирано да потроши 50.000 евра за нов сајт, а сето тоа на крај паѓа во вода, кога најважните информации од куќата на фудбалот се забрануваат да се објавуваат, особено кога станува збор за предводникот на нашиот национален тим и херојот со чив гол, Македонија летово ќе игра на Евро 2021, а од бонусот на УЕФА, истите тие фотелјаши и одговорни, си земаа „мрсни премии“ од илјадници евра!