Европретставниците добија лиценци за Европа, меѓу нив и финалистите во Купот!

Сите македонски европретставници добија лиценци од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за учество во летните евроквалификации на меѓународна сцена, објави денеска куќата на фудбалот.

Три од четирите европретставници веќе обезбедија пласман, Шкупи во квалификациите за Лигата на шампионите, а Академија Пандев и Шкендија во квалификациите за Конференциската лига. Последниот патник ќе се знае после финалето во Купот на Македонија помеѓу Македонија ЃП и Силекс, на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје во петок од 18 часот.

Но, како и да заврши пресметката, победникот секако ќе игра во Европа зашто и кратовци и ѓорчепетровци се на листата на клубови кои добија лиценци, а ФФМ објави дека вкупно осум клубови добиле лиценца за европски настап.

Покрај, Шкупи, Шкендија, Академија Пандев, Силекс и Македонија ЃП, од барањата за лиценци, добија и Ренова, Работнички и Струга Трим Лум.