Најтрофејниот тим во земјава Вардар ја прекина серијата од четири порази и триумфално го напушти теренот во скопската населба Ѓорче Петров.

„Црвено-црните“ ја совладаа Македонија ЃП со 1-0, а победата е од огромно значење за нив бидејќи со неа се враќаат во игра за опстанок во елитната конкуренција. Сега се на два бода негатива во однос на 11-пласираната Брегалница која утре ја пречекува Воска, екипа која е пред неа на табелата.

Победата на Вардар е заслужена бидејќи беше поконкретен пред противничкиот гол и можеше да слави дури и поубедливо. Моментот на одлука на денешниот меч се случи во 35. минута кога Вардар ја одигра можеби најубавата акција. По еден прекршок на половината на Македонија ЃП, Здравковски беше проигран на десната страна од шеснаесетникот, тој додаде кон Милосавиќ, а овој ја затресе мрежата на домашниот тим.

Милосавиќ во финишот имаше уште една шанса, но ја погоди пречката. Македонија ЃП беше најблиску до голот во осмата минута кога Скендер шутираше, а Гачевски одбрани. За Вардар, ова е четврта победа сезонава, втора како гостин откако со идентични 1-0 го победи Работнички.

До крајот на есенскиот дел од сезоната во Првата лига останува уште едно коло кое се игра идниот викенд, но Вардар во меќувреме ќе го одигра заостанатиот меч со Силекс во Кратово. Во последното коло, Вардар ќе го пречека Тиквеш, а Македонија ЃП гостува во Гостивар.