Чаир сезонава е неосвоив за ривалите на македонскиот лидер Шкупи, откако „гулабите“ попладнево ја здробија Струга Трим Лум за 15 минути во второто полувреме, па победија со убедливи 4-0 за да ја вратат предноста од четири бода пред втората Академија Пандев по ова 15-то коло во Првата лига.

Чаирчани се мачеа во првиот дел, па имаше и кошкање после еден старт во кој двата тима беа на раб и на поголем инцидент, но после паузата Сандеј Адетуњи со два гола и по еден на Фаусто и Кире Маркоски донесоа нов триумф за осма победа во осмиот домашен меч во оваа сезона, па останаа на четирите бода предност пред Академија Пандев, која вчера го освои Тетово со победата со 2-1 против Ренова.

Актуелниот првак Шкендија го освои Ѓорче Петров со триумфот со 2-1 во меч со драматичен финиш во кој пречката ги спасуваше тетовци во финишот, а Констадин Захов во истата акција го одбрани ударот на Абу Камара за да не дозволи реми и прокоцкани два гола, откако Гури и Шала дадоа два гола за триумфот, а од средина на вториот дел играа и со фудбалер повеќе после исклучувањето на Филип Мишевски за два жолти картони (25-та минута).

„Лавовите“ и после 13 години останаа без победа на домашен терен против Шкендија, која седми пат во 11-то гостување победува, а ова е прв пораз за Муарем Бајрами како тренер на ѓорчепетровци после освоените 10 бода во изминатите четири кола.

Шкендија со победата сега дојде до третата позиција прескокнувајќи го својот градски ривал Ренова на прволигашката табела.

Тиквеш ја продлабочи мизеријата на Работнички со триумфот со 2-0 во Кавадарци, за петти пораз во последните шест меча за дебармаалци кои се сѐ поблизу до опасната зона за баражот, а кавадарчани направија нов чекор поблизу за да излезат од таа опасна зона, во која Скопје одигра денеска реми без голови со Пелистер и дојде на бод од Работнички. Нгоба и Спахиу постигнаа по еден гол за Тиквеш за триумфот против „романтичарите“.

Марјан Алтипармаковски на 11 минути пред крајот ѝ донесе триумф на Брегалница во Штип против претпоследниот Борец во тешката победа во која штипјани бркаа негатива од еден гол после само четири минути игра, па Кристијан Ацковски погоди во судиското надополнување од првиот дел, за Алтипармаковски во завршницата да ја обезбеди победата и со тоа Брегалнца да дојде до петтото место, со исто бодовно салдо како и Ренова.

ПРВА ЛИГА, 15. КОЛО (13 ЧАСОТ)

Брегалница – Борец 2-1 (1-1)

Ацковски 45+1, Алтипармаковски 79 – Ѓорѓевиќ 4

Македонија ЃП – Шкендија 1-2 (0-1)

Камара 82 - Гури 12, Шала 77

Пелистер – Скопје 0-0

Адетуњи 53, 70, Фаустин 59, Маркоски 63

Тиквеш – Работнички 2-0 (1-0)

Нгоба 35, Спахиу 69

ВЧЕРА

Ренова – Академија Пандев 1-2 (0-1)

Селмани 90+3 – Маронг 42, Мирчевски 77

ТАБЕЛА: Шкупи 35, А. Пандев 31, Шкендија 27, Ренова 25, Брегалница 25, Струга Т. 22, Македонија ЃП 20, Работнички 18, Скопје 17, Тиквеш 13, Борец 8, Пелистер 4.