Брера се спаси, Беса ќе игра бараж за опстанок!

Брера со 3-2 го победи Работнички и избори опстанок во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Беса го растури Пелистер во Битола откако славеше со 4-1, но триумфот ништо не им значеше поради резултатот на струмичани.

Заврши сезоната во ПМФЛ, денеска единствено нешто за што се решаваше беше кој ќе го избегне местото кое води во бараж за опстанок.

Брера беше во подобра позиција бидејќи одлучуваше сама, струмичкиот тим не потфрли, го совлада Работнички со 3-2 и се спаси.

Нџенгуе и Велков донесоа водство од 2-0 за Брера, Лазаревиќ намали на 2-1, тоа беше резултатот од првото полувреме. Ѓорѓиевски од пенал во вториот дел погоди за 3-1, а Работнички до крајот успеа само да го ублажи поразот.

Беса со убедливи 4-1 го победи Пелистер во Битола, но триумфот им беше залуден со оглед на резултатот од мечот меѓу Брера и Работнички.

Шкендија денеска ја славеше шампионската титула со своите навивачи, кои можат да бидат среќни од сезоната, но не и од денешниот меч кој го загубија од Силекс со 3-1.

Сепак резултатот против кратовскиот тим немаше никакво резултатско значење, па поразот не го расипа славјето.

Реми со шест голови се одигра во Кавадарци каде Тиквеш и Струга ремизираа со 3-3.

Ова коло Вардар и Шкупи впишаа по три службени бода поради откажувањата на Гостивар и Воска.

Епилогот од сезоната: Шкендија е шампион и ќе игра во квалификациите од Лигата на шампионите, Силекс и Работнички ќе играат во квалификациите од Конференциската лига, а место таму ќе има и за некој од Вардар или Струга кои го играат финалето од Купот на Македонија. Гостивар и Воска испаднаа од лигата, а Беса ќе игра бараж за опстанок.

Резултати 33. коло:

Брера - Работнички 3-2
Пелистер - Беса 1-4
Шкендија - Силекс 1-3
Тиквеш - Струга 3-3
Вардар - Гостивар 3-0 (службено)
Воска - Шкупи 0-3 (службено)

Табела: Шкендија 70, Силекс 67, Работнички 56, Струга 51, Вардар 45, Пелистер 39, Шкупи 38, Тиквеш 34, Брера 34, Беса 33, Гостивар 21, Воска -5.