Арачиновци со забрана за тетовските навивачи на Чаир, овие провоцираат: Доаѓаме во албански град!

По репрезентативната пауза викендов се враќа клупскиот фудбал, а кај нас на програмата е деветтото коло од ПМФЛ кое го носи и дуелот помеѓу Шкендија Арачиново и Шкендија од Тетово.

Натпреварот ќе се игра на стадионот во Чаир каде што домаќинот забранил присуство на гостински навивачи, поради што пристигна реакција од тетовци.

Преку соопштение на социјалните мрежи, тетовските навивачи најавија дека тие секако ќе се упатат на натпреварот за да влезат на трибините, а како што велат срамот ако не влезат би бил, врз домаќините.

Во соопштението „Балистите“ испратија и провокација порачувајќи дека тие доаѓаат во „албански град“.

По барањето што го испративме за наше присуство на неделниот натпревар меѓу Шкендија Х и Шкендија, клубот од Арачиново, за чудо, ни одговори негативно, со нелогично образложение дека од безбедносни причини ни се забранува патувањето.

Ние како Балисти, но и како клуб, досега сме ги прифаќале вашите навивачи (Члиримтарет) на нашите натпревари како домаќини во Тетово, како и други навивачки групи, како Шверцерите од Скопје и Илирите од Куманово. Почит сме почувствувале само од последните, кои дури и ни ја отстапија својата трибина за да ни возвратат на гостопримството.

Не чувствуваме никаква несигурност да патуваме во еден албански град, особено затоа што условите на стадионот, со две одделни трибини, овозможуваат организација без никаков проблем.

Балистите во недела ќе тргнат, а срамот ќе биде ваш доколку бидат спречени.

Дуелот е закажан за в недела во терминот од 13:00 часот.