Академија Пандев за пола час го суреди Вардар и го остави на претпоследното место (ВИДЕО)

Академија Пандев за пола час во првото полувреме го суреди Вардар и го победи со 3-0 за да го остави најтрофејниот макеоднски клуб на претпоследното место на табелата на пет кола до крајот на сезоната, со бод помалку од Силекс, а три зад Ренова, која вчера ги победи кратовци со 2-1 во второто дерби за спас во ова 28 коло во Првата лига.

Вардар и во десетиот меч пролетва не успеа да стигне до победа, а два пенали и една кардинална грешка денеска им пресудија избраниците на поранешниот нивен кормилар Александар Васоски на СЦ „Пандев“, за струмичани по двата врзани порази од двете првопласирани екипи Шкендија и Шкупи со по 0-1, да се вратат на победничкиот колосек и да останат на три бода над зоната за баражи, а веќе шест над зоната која директно води во Втората лига, односно од денешниот ривал Вардар.

Марјан Радески во 14-та и Ѓорѓи Стоилов во 34-та од пенали, како и Марио Крстовски во 28-та минута ги постигнаа головите со кои Пандевци дојдоа до исклучително важната победа за да ја продолжат својата битка за сигурен опстанок сезонава, за разлика од вардарци кои допрва ги очекува завршната разврска за избегнување на трагичното сценарио да испаднат од лигата.

Вчера Ренова со два гола во првото полувреме на Шефит Шефити и Фатјон Јусуфи го победија Силекс во пресметката за опстанок, па сега тетовци се три бода пред Вардар, а два пред Силекс.