Академија Пандев промовираше двајца поранешни репрезентативци

Бојан Најденов и Мите Цикарски се најновите засилувања за Академија Пандев во новата сезона во Првата фудбалска лига.

Двајцата искусни фудбалери се враќаат во домашното првенство по интернационалните предизвици. Последен клуб за Најденов беше ФК Искра од Црна Гора, а претходно играше и во Узбекистан во тимот на Навбахор. Фудбалерот од средниот ред се враќа во Академија Пандев по две години од каде си замина за да го облече дресот на Вардар. Претходно играше и за Хорисонт Турново, Работнички и Кожув во Македонија, а беше интернационалец и во Египет, Иран и Албанија. 

Цикарски исто така се враќа во редовите на струмичкиот тим по две години пауза. Левиот бек последните две сезони ги играше во дресот на Ботев Пловдив, а претходно беше дел и од Газ Метан од Романија, Пас Јанина од Грција и кипарски Етникос. Во домашното првенство играше и за Вардар и Работнички.