Зајков ќе си бара нов клуб – Левски не го сака повеќе Македонецот

Македонскиот репрезентативен дефанзивец Ѓоко Зајков ќе мора да си бара нов клуб, после само шест месеци откако дојде во бугарскиот гигант Левски, откако тренерот на „сините“ од Софија му соопштил дека не смета повеќе на него за продолжението на сезоната, објавија бугарски медиуми.

Изненадувачка е одлуката на софискиот гигант зашто Зајков во есенскиот дел беше првотимец, даде и еден гол, а уште поголемо изненадување е што одлуката на Станимир Стоилов доаѓа кога екипата веќе е на подготовки во Турција, па сега според информациите уште денеска Зајков би можел да го напушти клупскиот хотел.

Стоилов и Зајков имале дваесет минутен разговор по кој одлуката била да се разделат, а македонскиот репрезентативец сега има низа понуди на маса за да ја продолжи кариерата и сега треба да избере каде ќе оди.

Стоперот во изминатата полусезона се врати во вистински ритам, зашто повеќе од две години не играше воопшто во белгиска Шарлоа.