Велковски се врати на терените по четири месеци пауза

Македонскиот репрезентативец Дарко Велковски по речиси четири месеци пауза повторно одигра меч за хрватска Риека, каде пристигна летоска како слободен играч од Вардар, па денеска го одигра второто полувреме од пресметката со Волфсбург во контролката на подготовките во Португалија.

Велковски имаше официјално деби за Риека во септември лани во меч од Купот на Хрватска, но потоа повторно го повреди буниот мускул и практично цела есен не заигра на ниту еден меч за Риека. Сега Велковски конкурира и ќе се обиде да се наметне кај тренерот Игор Бишчан, но неговото враќање на терените е добра вест и за селекторот Игор Ангеловски.

Стандардниот репрезентативен дефанзивец поради повредата ги пропушти сите мечеви во Лигата на нации за Македонија, па низ овие подготовки треба да се врати во натпреварувачки ритам и да конкурира за место во националниот тим пред мартовскиот почеток на евроквалификациите.

Велковски практично цела 2018 година беше во аут, зашто за Вардар не играше откако одби да го продолжи договорот, а по потписот за Риека имаше двапати проблеми со повредите.