Шок за Косово пред клучните мечеви за Евро 2020 – нема да игра првиот напаѓач!

Северниот сосед Косово сè уште е во игра за директен пласман на Евро 2020, но од гостувањето во Чешка ќе се знае дали ќе бидат пред заверка на пласманот или пак дефинитивно ќе ѝ бидат противник на Македонија во мартовскиот бараж во Лигата на нации за место на континенталниот собир.

Косовците се хит во квалификациите, но победата на Чешка над Англија им ги „расипа“ плановите, па сега Косово ќе мора да победи во Прага и да освои бод со „Гордиот Албион“ за да се најде на континенталниот шампионат, ама на почеток голем проблем имаат откако главниот напаѓач Ведат Муриќи од турски Фенербахче нема да може да им помогне на соиграчите.

Ова е голем и сериозен проблем за Косово, зашто Муриќи игра во извонредна форма и има седум гола на 11 меча во турската Суперлига и е еден од противкандидатите на нашиот Адис Јаховиќ во трката за „златната копачка“ во Турција во оваа сезона. Во квалификациите Муриќи даде четири гола и имаше две асистенции во досегашниот тек на квалификациите.

Останува да се види дали Косово ќе може да го надополни отсуството на еден од главните фудбалери покрај бундеслигашката ѕвезда Милот Рашица, или пак најмладата членка на УЕФА ќе мора преку бараж меч со Македонија да се бори за виза низ Европа.