Ристовски добил куп навреди од Риека, па порача: Гинам за секој дрес што го носам!

Македонскиот репрезентативен бек Стефан Ристовски, кој зимава го засили првакот Динамо Загреб, откри за хрватските медиуми дека после потпишувањето со „модрите“ добил куп навреди од Риека, чиј играч беше од 2015 до 2017 година, но им порача на навивачите дека кој дрес и да го носи – до крај ќе гине за него.

Македонецот беше еден од омилените фудбалери на навивачите и популарната „Армада“ во периодот додека играше за Риека, беше дел од златната генерација која во 2017 година освои „двојна круна“ во Хрватска и ја прекина децениската доминација на Динамо, а медиумите му извадија видеа и изјави против неговиот актуелен клуб, но...

Десниот бек без оглед што дебитираше со исклучување во дербито со Осиек, на почеток остави силен впечаток на „Максимир“ и покажа дека ќе биде големо засилување за хрватскиот великан.

„Беше тоа непримерно, имаше куп навреди, меѓутоа, јас каде и да играм, чиј дрес и да го носам – јас гинам за него. Таков карактер сум и го бранам тој клуб и живеам со тој клуб. Во Риека имав убави моменти, ги почитувам и ги сакам тие луѓе, а тие сами нека си протолкуваат ова што го велам. Можеби тој период во Риека ми е некако најдраг и сега се надевам дека и во Динамо ќе имам такви моменти“, вели Ристовски.

Откако хрватските медиуми извлекоа од архивата текстови и видеа од негови емотивни изливи и изјави пред сѐ против Динамо, македонскиот бек посочува дека сето тоа било само една голема страст и емоција во тој момент.

„Не е убав пример кога ми ги извлекоа тие текстови, но тоа тогаш беше голема страст и еуфорија, а не само за мене, туку за цела Риека. Сепак, јас сум професионалец, а каде и да играм, така и се однесувам. Живеам за клубот, така ќе биде и тука во Динамо. Кој и да ме навредува или на кого и да му смета тоа, мене не ме интересира“, заврши Ристовски.

Репрезентативецот кој младинската школа ја мина во Вардар, кариерата ја продолжи на Апенините како член на Парма, за која играше до банкротот во 2015 година, а претходно се калеше во Кротоне, Бари, Фросиноне, Латина. После доаѓањето во Риека и успесите со овој клуб, замина во Спортинг Лисабон каде играше до зимава, но од август не беше во плановите на тренерот Рубен Аморим и сега се пресели во Динамо кај соиграчот од репрезентацијата и капитен на „модрите“, Аријан Адеми.