Почина албански фудбалер кој пред 40 години ги расплака навивачите на Партизан!

Поранешниот албански репрезентативец и фудбалер на Фљамуртари, Агим Бубеќи, почина на 63-годишна возраст, а неговото безживотно тело било пронајдено во станот во кој живеел.

Според првичните информации од албанските медиуми, постои сомневање дека Бубеќи починал неколку дена пред да биде пронајден. Соседите забележале дека подолго време не го виделе, по што ги известиле надлежните служби. По влегувањето во неговиот дом било пронајдено неговото тело. Бубеќи беше дел од една од најпознатите генерации на Фљамуртари, која во осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век остваруваше забележителни резултати и на европската сцена.

Посебно ќе остане запаметен по европската пресметка со Партизан во Купот на УЕФА во 1987 година. Фљамуртари на домашен терен славеше со 2-0, а потоа во Белград загуби со 1-2 и приреди големо изненадување елиминирајќи го југословенскиот гигант. Бубеќи беше еден од најдобрите фудбалери на реваншот во Хумска, додека решавачкиот погодок за албанскиот тим го постигна неговиот соиграч Кушта.

Практично целата своја кариера ја врза за Фљамуртари, со кој ја освои единствената шампионска титула во историјата на клубот во 1991 година, како и Купот на Албанија во 1988 година. Бубеќи го носеше и дресот на албанската репрезентација, за која забележа шест настапи.