Пијанчењето може да го чини Пријовиќ неверојатни - 18 милиони евра!

Српскиот фудбалер, Александар Пријовиќ, е еден од примерите како не треба во овие тешки времиња не само за неговата земја туку и за целиот свет. За своето недолично однесување веќе си доби казна, но сега медиумите од соседството пишуваат дека вистинскиот пекол допрва може да дојде.

Пријовиќ синоќа се спогодил со српското обвинителство, ја признал вината и доби казна од домашен затвор во траење од три месеци. Самото тоа и не е толку лоша казна во период кога и онака не можете да мрднете од дома, но проблемот на Пријовиќ не е ниту во белградскиот суд, ниту во Србија, туку во - Саудиска Арабија.

Српските медиуми информираат дека неговиот клуб, Ал Итихад, сега многу лесно може да побара раскин на договорот и со тоа да го лиши од сѐ што му следува. А му следуваат неверојатни 18 милиони евра! Толку тежеше договорот кој го склучи во јануари, кога направи трансфер од ПАОК, сума која напаѓачот би ја земал доколку го доработи четири и полгодишниот договор со Ал Итихад.

Меѓутоа, во договорот имало клаузула која вели дека клубот може во секој момент да го раскине договорот со фудбалерот, доколку тој на некој начин го наруши угледот на Ал Итихад. Апсењето во Белград, за време на полициски час е токму такво дело, па може да се очекува дека Саудијците ќе ја искористат шансата и ќе се ослободат од фудбалерот, кој и онака не можат да го видат до почетокот на јули.

Пријовиќ беше уапсен во белградски хотел, како се забавува во друштво на српскиот пејач Џани и е веќе третиот фудбалер по Нинковиќ и Јовиќ, кој покажа непослушност за време на вонредната состојба. Првите двајца, се спасија со полесни казни и опомени.