Партизан не сака веќе да биде дел од Партизан!?

Тоталното лудило во српскиот гигант Партизан кулминира вечерва откако битката за превласт врз фудбалскиот клуб доведе тотално бизарна ситуација – Партизан не сака повеќе да биде дел од Партизан.

Собранието на клубот кое повторно се одржа после перипетиите пред една недела и тоа зад затворени врати, донесе одлука фудбалскиот клуб да истапи од спортското друштво Партизан, нешто што е незапаметено во историјата на црно-белите.

Одлуката ја донел двоецот кој „командува“ во Хумска 1, Милорад Вучелиќ и Милош Вазура, а после одржаното Собрание, Партизан само со соопштение ја објави трагикомичната одлука.

„Собранието на ФК Партизан како највисок орган донесе одлука да истапи од членството во Југословенското спортско друштво Партизан. Оваа одлука стапува на сила превентивно и се применува ако од страна на незаконската управа во ЈСД Партизан, без одржување на ново Собрание на спортското друштво, биде донесена одлука со која се одлучува за правата и обврските на ФК Партизан“, стои меѓу другото во соопштението.

Вистинска војна за превласт има околу фудбалскиот клуб, а опозиција на актуелното раководство се предводниците на кошаркарскиот клуб поддржани од многу фудбалски легенди на клубот.