Партизан бесен на судиите: Бараме средбите против Ц. Звезда да ни ги судат - странци!

Фудбалскиот клуб Партизан излезе со официјално соопштение во кое изрази огромно незадоволство од судењето на 180-тото „вечно дерби“, во кое загуби од Црвена Звезда (1-2).

Раководството на „црно-белите“, по првичните реакции на тренерот Саша Илиќ, директно го обвини главниот судија Ненад Минаковиќ, неговиот помошник Никола Боровиќ и ВАР-судијата Момчило Марковиќ за тенденциозно делење на правдата, барајќи тие во иднина да не ги судат натпреварите на клубот од Хумска. Поради недоверба во домашната судиска организација, Партизан упати јавно барање најголемите натпревари во српскиот фудбал да ги водат исклучиво странски судии.

Во соопштението, раководството на Партизан детално ги наведе спорните моменти кои, според нив, директно влијаеле на конечниот исход на дербито на стадионот „Рајко Митиќ“. Клубот остро го критикуваше досудениот пенал за Црвена ѕвезда по реакцијата од ВАР-собата, тврдејќи дека видео-снимките јасно покажуваат оти не постои контакт кој би оправдал таква одлука. Дополнително, тие посочија на лошиот критериум и несанкционирањето на грубите прекршоци, особено издвојувајќи еден старт со две нозе врз нивни играч кој резултирал со повреда, а поминал без соодветна казна и без интервенција од ВАР-системот.

„Партизан бара најголемите натпревари во Србија да ги судат странски судии. Тоа е практика која постои и во сериозните европски лиги кога повеќе не постои доверба во домашната судиска организација. Она што го видовме на теренот во вечното дерби претставува потсмев со регуларноста на српскиот фудбал“, заклучуваат од таборот на „црно-белите“.