Милошевиќ од сигурен тренер извиси за клупата на Партизан – ќе ги води Петриќ!

Легендарниот Саво Милошевиќ кој денеска безмалку цел ден беше најавен како сигурното тренерско решение за клупата на црно-белите, после смената на Илија Столица синоќа после елиминацијата од АЕК Ларнака, на крај бившиот српски репрезентативец извиси, па нов кормилар ќе биде – Гордан Петриќ.

Петриќ е поранешен фудбалер на белградските црно-бели, а ќе му помага уште едно добро познато име Алберт Наѓ и овој двоец утре ќе биде промовиран. Петриќ ќе потпише двегодишен договор и ќе дебитира во недела против Младост ГАТ во Нови Сад.

Овие информации ги објави „Вечерње Новости“, кои интересно вчера објавија за смената на Столица уште пред тој да влезе во соблекувачната по ремито со АЕК Ларнака (2-2), по што Партизан испадна од трката за групите во Лига Европа.

Инаку цел ден се најавуваше Милошевиќ како нов тренер, немаше српски медиум кој не објави за неговиот кам-бек во Хумска 1, ама на крај се случи неочекуван голем пресврт. Сега веќе бившиот кормилар Столица издржа само седум меча во кои запиша едвај една победа.

Петриќ за Партизан играше од 1989 до 1993 година и има 106 настапи за црно-белите, а играше и за Данди Јунајтед, Хартс Глазгов Ренџерс, АЕК Атина, Кристал Палас, додека во тренерската кариера работеше во Бежанија, Синѓелиќ, Земун, Чукарички, Рад, АЕЛ Лимасол и Горица. Беше и генерален секретар на Партизан во 2007 и 2008 година, како и потпретседател на клубот во 2008 и 2009 година.