Матео Ковачиќ и го расплака Адеми со видео-обраќањето (ВИДЕО)

Загрепски Динамо направи посебно специјално видео и интервју на македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, безмалку 50 минути за бескомпромисниот лав да ги раскаже незаборавните 13 години во „модриот“ дрес, но му подготви и изненадување од низа соиграчи со обраќања кон доскорешниот капитен.

Адеми доби дузина ведео-пораки од бивши и сегашни соиграчи во Динамо, меѓу нив и од Стефан Ристовски, но на прва се расплака после обраќањето од хрватската ѕвезда Матео Ковачиќ, екс-фудбалерот на Реал Мадрид и сега во Челси.

„Аки, брате мој, драго ми е што бев мал дел од твојата величенствена кариера во Динамо и што можам да те наречам пријател. Знам колку ти е грижа за Динамо и дека нема да ти е лесно да го напуштиш. Покажа како треба да изгледа капитен на Динамо, секогаш борбен и секогаш ја имаше страста. Ти благодарам што на младите им покажа каков треба да се биде на терен и надвор од него и се надевам наскоро ќе се видиме“, му се обрати Ковачиќ и Адеми не можеше да ги скрие солзите, а потоа насолзен го следеше и обраќањето од Ристовски.