Јаховиќ после две години првпат ќе се соочи со навивачите на Гецтепе

Поранешниот македонски репрезентативец Адис Јаховиќ кога дојде во Гецтепе повторно фудбалски „оживеа“, за него навивачите вадеа македонски знамиња, а тој ги тресеше мрежите како од шега. Клубот го однесе во Суперлигата на Турција, имаше извонредна есен до крајот на 2017 година...

Но, во зимата лани Јаховиќ ги разочара сите во Измир. Си замина во Коњаспор, Гецтепе доби 1,5 милиони евра, но навивачите останаа разочарани и никогаш директно не се соочија со македонскиот голгетер. Викендов Јаховиќ со својата Јени Малатијаспор првпат ќе има шанса да истрча против бившите свои навивачи, а прашање каков дочек ќе има.

Јаховиќ се најде на удар на навивачите, откако директорите на клубот го обвинија дека ги „предал“ и дека избегал за пари. После одисејата во Коња, во која немаше презабележителни резултати во последниот период, Јаховиќ летово дојде во Малатија и распука. Моментно е прв стрелец со девет гола во десет кола за овој клуб, присетувајќи на извонредните настапи за Гецтепе, кога во есенскиот дел даде 14 гола и беше прв стрелец, а на крајот на сезоната заврши како трет во исклучително силната турска лига.

Јаховиќ од заминувањето од Измир немаше шанса да се соочи со поранешните негови приврзаници. Кога требаше да гостува со Коња, не играше поради исклучување добиено во Купот, ама сега после скоро две години ќе се соочи со нив. Мечот е закажан за в недела точно напладне.