Енис Барди исфрлен од првиот тим на Трабзонспор!

Додека се наоѓа на подготовки со македонската репрезентација пред претстојните дуели против Летонија и Фарски Острови, капитенот на нашиот национален тим Енис Барди доби непријатни вести од својот тим Трабзонспор.

Тој, заедно со уште тројца фудбалери на овој тим се исфрлени од првиот тим и во следниот период ќе тренираат одвоено. Причините, како што е наведено во соопштението од клубот, се во насока на подобрување на нивните индивидуални перформанси.

„Како резултат на денешниот состанок меѓу претседателот Ертугрул Доган, потпретседателот Зејат Кафкас и тренерот Шенол Ѓунеш, одлучено е нашите фудбалери Мислав Оршиќ, Стефано Денсвил, Енис Барди и Умут Бозок да тренираат одвоено за да ги подобрат своите перформанси“, пишува во соопштението од клубот.

Барди е член на Трабзонспор од 2022 година, а сезонава забележа вкупно 13 настапи во сите натпреварувања од кои осум во турското првенство, два во квалификациите за Конференциската лига и три во квалификациите за Лигата Европа. Постигна само еден гол и тоа во дербито против Бешикташ, во мечот кој заврши без победник (1-1). Во меѓувреме играше на сите четири досегашни натпревари од Лигата на нации во дресот на македонската репрезентација и два пати се запиша во листата на стрелците, по еднаш против Фарски Острови и Ерменија.