Директорот малку претера: Хајдук е најголем клуб во кариерата на Ракитиќ

Еуфоријата околу трансферот на Иван Ракитиќ изгледа најмногу го зафати спортскиот директор на Хајдук, Никола Калиниќ кој малку претера во својата изјава за време на промоцијата.

Ракитиќ е еден од најдобрите фудбалери во историјата на Хрватска и во својата кариера играше за многу славни клубови. Сепак, Калиниќ смета дека Хајдук е над сите нив.

„Ова е еден од најголемите трансфер во историјата на Хајдук и на Хрватска. Иван играше за големи клубови, освојуваше трофеи, а ова му е најголем клуб во кариерата“, изјави Калиниќ и ги запрепасти сите кои го слушаа.

Хајдук е големо име на Балканот и на просторите на поранешна Југославија, но не може да се спореди со Шалке, Барселона и Севиља кои имаат и меѓународни успеси. Само со Барса, Ракитиќ освои 13 трофеи, вклучувајќи четири во шпанското првенство и еден во Лигата на шампионите во чие финале, во 2015 година токму хрватскиот ас постигна гол.