Динамо го одби Бетис - Адеми не си оди за помалку од 10 милиони евра

Македонскиот репрезентативен фудбалер за врска Аријан Адеми, капитенот на Динамо Загреб веројатно ќе остане на „Максимир“ и во пролетниот дел од сезоната, иако шпански Бетис се заинтересира да го ангажира, но „модрите“ експресно ја одбиле незадоволителната понуда која стигнала во нивниот клуб.

Бетис го има Адеми на радарот откако им се сикомпликуваа преговорите со Гуидо Родригез од Ривер Плејт, но понудата помала од 6,5 милиони евра за Адеми (оваа сума беше највисока што ја достигна македонскиот репрезентативец лани од Лил) била незадоволителна и од управата на „модрите“ на андалузиските зелено-бели им порачале ако планираат сериозен трансфер без 10 милиони евра воопшто да не помислат да понудат.

Адеми откако се врати на терените после двегодишната суспензија игра во неверојатна форма, а каков борец е покажа и есеноска кога по сериозна повреда на скочниот зглоб, стисна заби за беспрекорно да ги одигра мечевите за својот клуб. Но, таа повреда на стапалото и понатаму му прави проблеми, па Адеми сега практично ќе ги прескокне подготовките во Ровињ и во двете недели ќе работи под посебна програма.

За очекување е конечно да ја залечи повредата и потоа да ја достигне формата, а особено е важен играч за Македонија за мартовските баражи за пласман на Евро 2020 и пресметката прво со Косово во Скопје на 26 март.