Динамо: Адеми има мало оштетување на бутот, веќе почна со рехабилитација!

Загрепски Динамо објави дека Аријан Адеми нема тешка повреда на бутниот мускул и задната ложа на десната нога поради која излезе вчера по 42 минути игра во пресметката со Омонија во второто квалификацико коло во Лигата на шампионите.

Откако од Хрватска се појавија информации дека Адеми можно е да паузира и три месеци, што би било голем хендикеп и за Македонија, зашто би ги пропуштил септемвриските и октомвриските мечеви во мундијалските квалификации, сепак повредата не е така тешка зашто станува збор за мало оштетување на бутниот мускул.

„Врз база на големиот интерес на медиумите, ама и после некои информации кои се појавија во одделни медиуми со нагаѓања колку капитенот Аријан Адеми можно е да паузира, сакаме да ја информираме јавноста дека лекарските прегледи завршија и покажаа мало оштетување на мускулот на десната нога. Клупската лекарска служба веќе започна со рехабилитацијата на Адеми и физикална терапија, а во зависност од тој процес ќе се дефинира времето на враќање на нашиот капитен во тренажен процес. Адеми денеска се чувствува многу подобро“, објави Динамо.

Закрепнувањето од парцијална руптура на квадрицепсот вообичаено трае од една до три недели, а далеку повеќе ако станува збор за многу потешка повреда, што според Динамо тоа не е случај, што значи дека Адеми би можел да биде во конкуренција за настап за „модрите“ веќе во третото квалификациско коло, а секако ќе го прескокне реваншот со Омонија во Никозија.

Но, за Македонија ова се добри вести, зашто ако Адеми брзо се рехабилитира ќе биде подготвен за најважниот септемвриски циклус во мундијалските квалификации кога нѐ очекуваат трите пресметски со директните конкуренти за место најмалку во баражот, со Ерменија (1 септември, Скопје), со Исланд (4 септември, гости) и со Романија (8 септември, Скопје).