ЦСКА ќе плати 100.000 евра за Бабунски, ама тој сака да оди во – посилна лига

Софиска ЦСКА 1948 е подготвена да ги плати стоте илјади евра отштета кон Ботев Враца за макеоднскиот репрезентативен напаѓач Доријан Бабунски, но младиот центарфор и покрај понудите од безмалку сите гиганти на бугарскиот фудбал има други планови и сака да оди во посилна лига, објави весникот „Мач Телеграф“.

Според информациите на бугарскиот весник, ЦСКА нема проблем да го плати обесштетувањето за вториот најдобар стрелец моментно во бугарското првенство, а овој клуб е последен во низата кој сериозно загриза за него после Левски, Ботев Пловдив и Славија Софија. Но, наводно Бабунски сака да замине во странство и да игра во посилна лига, па најверојатно до трансфер во некој од бугарските гиганти и нема да се случи.

Банунски сезонава има шест гола и три асистенции во досегашниот тек и за завршните мечеви на Македонија кога беше изборен историскиот бараж за пласман на СП во Катар догодина доби деби повик од селекторот Благоја Милевски. Бабунски е поранешен младински репрезентативец на Македонија во сите категории.

„Домашните клубови не престануваат во 'тепачката за Доријан Бабунски од Ботев Враца, но според последните информации младиот центарфор се надева дека со овие игри ќе издејствува трансфер надвор од Бугарија. Тој после одлчичните настапи има уште поголема самодоверба, а сето тоа надополнето и со неодамнешниот повик за својата репрезентација на Македонија“, пишува весникот.